
На 8 Јуни со почеток од 20:00 часот во Центарот за култура „Кочо Рацин „ – Кичево имаше проекција на филмот „Скриени“.
ОПСЕДНАТА БРАЧНА ПРИКАЗНА
Првиот целовечерен филм (по кратките „Збор“ и „Гробарот“) на нашиот автор (сценарист, режисер, но и актер) Арсим Фазлија донесува приказна која што за прв пат се обработува во нашата кинематографија. Оваа драма со примеси на мистерија, а зошто да не и хорор, базира, велат продуцентите, врз вистински настани кои навлегуваат во сферата на паранормалното. Нора и Дин стапуваат во брак според традиционалните албански обичаи и заминуваат на меден месец. По враќањето и очигледно воспоставената блиска врска, се вселуваат во куќата на родителите на Дин. Тука започнуваат непријатностите во однесувањето на Нора кои се закануваат да го уништат бракот. Но дали е се’ така како што изгледа?
Размислувајќи дали да подоткријам нешто повеќе од содржината, а да не го расипам чувството од следењето на случувањата на големиот екран, само ќе повторам од официјаланата најава на филмот дека дејството добива насока движејќи се кон димензиите на парапсихолошките феномени. Ова го нагласувам за да ја истакнам умешноста на Фазлија да не’ „вози“ низ филмот постепено надградувајќи ја тензијата се’ до пресвртното финале. И при тоа, воопшто не оптоварува со заземање страна на начин што би го оптоварил комплетниот впечаток. Заслужен за ваквиот ефект е секако и монтажерот Благоја Неделковски.
Камерата на нашиот искусен мајстор зад објективот Димо Попов („Снежана на крајот умира“, „Ефектот на среќата“, „Година на мајмунот“,…) успешно кадрира атмосфера на контрасти следејќи го наративот на режисерот, без оглед дали станува збор за широк или крупен кадар со некој од протагонистите. Сето тоа сместено во сценографските рамки на Бујар Муча.
За успешно раскажаната приказна со драмски предзнак секако дека одговорноста е голема и за актерите. Нора ја толкува косовската филмска и ТВ актерка Греса Паласка, а нејзиниот нововенчан сопруг Дин – колегата и добар познаник од малиот екран, Насер Рафуна. Обајцата одлично се снаоѓаат во немирот на кој што се изложени. Ним од голема помош им е и придружната искусна актерска екипа во која се издвојуваат нашите Адриан Азири („Незаборавна пролет во заборавеното село“, ТВ серијалот „Преспав“…), Теута Ајдини („Вера сонува за морето“) и легендата на македонскиот театар Бајруш Мјаку. Костимите се на Самка Фери, а музиката што го најавува, обојува и надградува исчекувањето е на Дарко Спасовски.
Тоа што посебно радува е непретенциозниот приод на сценаристот и режисер Фазлија кој не држи морални, верски или било каков вид проповеди, туку раскажува приказна во која може да верувате… може и не.
Сите реакции:551Ми се допаѓаКоментирајСподели