Божикен концерт „Бадникови поворки“

На 14 Јануари во прекрасен амбиент во големата сала при Центарот за култура „Кочо Рацин “ – Кичево се одржа вториот Божикен концерт на традиционалните божикни и новогодишни каланди.

Во преполната сала на Центарот за култура „Кочо Рацин“ – Кичево, во изведба на бројни талентирани музичари, предводени од г. Петар Христов, и придружени од музичкиот состав „Чалгии Мерак“ дел од оркестарот на Филхармонија, хористите на „Митрополит Козма Пречистански“ и „Илија Николовски – Луј“ и низ милозвучните гласови на Ламбе Алабаковски, Јована Богданоска, Дарио Стојановски, Евангелија Грбиќ и Јована Јакимоска, одекнуваше поздравот: Христос се роди!

На наша голема радост и радост на кичевчани, овој свечен концерт со своето присуство го збогати нашиот возљубен Старец, епископот Антаниски г. Партениј, кој беше придружуван од многупочитуваниот Митрополит на Аркалохори, Кастели и Вијано, г. Андреј, кој заедно со архимандритот Филотеј и јеромонахот Андреј ни допатува од Православната Црква во Грција, носејќи ни го патријаршискиот благослов за благодатно преуспевање во Новото лето Господово.

Исто така,како гости на овој свечен концерт беа и сечесните отци при парохискиот храм на светите апостоли Петар и Павле во Кичево, дел од монаштвото на епархијата, потоа претставници на локалната самоуправа на град Кичево, како и голем број видни граѓани и покровители на овогодинешниот настан.

Ова духовно веселие во Кичево претставуваше голем придонес за културно- уметничката атмосфера во градот со организирање на празничен базар, каде беа изложени разни производи и сувенири кои му дадоа уште позабележителен празничен амбиент на градот.

После свечениот концерт, за гостите следуваа бројни изненадувања, а најрадосни беа најмладите кои со голем восхит го следеа спектакуларниот огномет со кој на симболичен начин се прослави почетокот на новата година.

Голема благодарност беше искажана до директорот на Центарот за  култура, г. Мазлам Османи, кој го проследи целокупниот настан, како и кон претставници од јавниот и приватниот сектор на градот за нивната техничка поддршка во уредувањето на градскиот плоштад и до градоначалникот на општина Кичево, г. Фатмир Дехари, како и кон неговите општински соработници, за нивната безрезервна поддршка во реализацијата на овој празничен настан. .

You may also like...

Напишете коментар