ИЗЛОЖБА „УБАВИНАТА КАКО ХАРМОНИЈА И ЕДИНСТВО НА ПРОТИВРЕЧНОСТИТЕ“

На 20.10.2022 (Четврток) во фоајето при НУЦК „Кочо Рацин“- Кичево, се одржа изложбата со наслов „Убавината како хармонија и единство на противречностите“со почеток од 19 час.
Куратор на изложба беше м-р Викторија Димеска, Историчар на уметност.
На изложбата учествуваа следните уметници: Александар Џинго, Атанас Атанасоски, Бојана Артиновска Трпческа, Вано Кеков, Верче Николоска, Марија Светиева, Марјан Стојаноски, Филип Јовески и Христина Мазнеска.

Тргнувајќи од егзистенцијалната потреба да се проникне во содржината на општочовечките вредности, односно нивното настанување и усвојување, филозофите воочиле дека во природата на човекот постои одреден карактеристичен сензибилитет. Во суштина, таквиот сензибилитет, т.е. чувство претставува мерка и пример, според кој човекот се води во текот на неговата севкупна животна дејност.1 Станува збор, за идеали и ставови кои настануваат како резултат на потребата за достигнување на совршенството и хармонијата.Во првобитните обиди на филозофите/естетичари да ги генерализираат ететските правила и канони, воочиле дека предметите и задачите на естетиката се менувале низ различните историски епохи.2 Од комплексната природа на естетиката и нејзината разнообразност, произлегуваат многубројни идеали кои му помагаат на човекот во естетското освојување на светот кој го опкружува.3 Притоа, горенаведените идеали во принцип не се вистинити или реални, туку настануваат како резултат на пренагласувањето на „она што е посакувано и недостижно“.4Имено, коренот на естетскиот концепт според којшто убавината се дефинира како хармонија и единство на противречностите, проникнува од учењето на античкиот филозоф Хераклит. Честопати, во раните филозофскисфаќања, убавината се поврзувала со други вредности како што се: умереност, воздржаност, хармонија и симетрија.На пример, во ликовното творештво, античките сликари ја преферирале субјективната перспектива (формата била приспособена на гледиштето на набљудувачот), а пак скулпторите правеле обиди да создадат рамнотежа меѓу реалистичната претстава и ригорозните канони, трагајќи по идеална убавина којашто ќе ги синхронизира телото и душата.

За античкиот скулптор Поликлет, убавината се основала на соодносот меѓу деловите, како и на соодносот и правилниот распоред на деловите со целината.Земајќи ги во предвид основните три вида на хармонија на елементите: хармонија по аналогија, хармонија по функција и хармонија по идеја, уметниците беа поттикнати да ги ревалоризираат и редефинираат концептите кои ја одредуваат убавината како естетска категорија. Преку нивното ликовно творештво, разновидниот начин на изразување и разните медиуми коишто ги користат, тие потсетуваат дека убавината во ликовната уметност претставува хармонија и единство на контрастните елементи – линија, форма и боја. Исто така, во нивното творештво присутна е хармонијата по идеја, каде убавината се интерпретира преку поимите: умереност, добрина, несебичност/дарежливост, духовна моралност и еколошка етичност.

https://fb.me/e/32R7efH4D

https://www.facebook.com/media/set/?set=a.1152395829015558&type=3

You may also like...

Напишете коментар