Изложба „Рани“ – Христина Мазнеска

Во четврток (24.12.2020г.) во фоајето на Центарот за култура „Кочо Рацин“ се одржa изложбата „Рани“ на Христина Мазнеска со почеток од 18:00 часот.

Во видеото беше прикажана девојка, која e олицетворение на еден просечен македонски граѓанин кој видел и преживеал многу во држава која е заробена во транзиција, а властите ја цицаат и последната капка сила од обичниот човек за личен профит. Таа е метафора на самата држава, закрпена во партали, партали кои ги поставуваат политиката, религијата и медиумите, криејќи рани кои всушност се сите проблеми кои постојат во неа.Видеото има за цел да ги прикаже вознемирувачките моменти од општествената реалност во Македонија од социо-економски и политички план кои оставиле длабока трага, рана врз личноста на девојката, која е гласот на народот, врз нејзиниот идентитет, врз нејзината состојба на умот, прикажани низ концептуална призма, користејќи разни симболи и метафори. Но и тоа како влијаат притисокот од институциите и политиката, која не дозволува прогресивност, не проширува хоризонти, туку истерува млади амбициозни луѓе надвор од границите на оваа држава, а во кои пак граници остануваат тивко, нечујно да испаруваат оние кои стануваат марионети, слуги на елитата.
Медиокритетското општество, кое вкочането останува во место, парализирано, немоќно, под антидепресиви, само егзистира без желба за промена.

Проектот е критика на артифицелноста и апсурдноста на општеството во кое живееме, т.е. низ необичен метафоричен приказ да пренесе порака за сè она што го уназадува нашето општество и го лиши од прогрес.

Ликовниот уметник Христина Мазнеска, е родена 1995 г. во Прилеп. Основното образование го завршува во родниот град. Средно уметничко образование завршува во ДСУЛУД “Лазар Личеноски” во Скопје во 2014 г., на отсекот за сликарство, и дипломира на Факултетот за ликовна уметност, на истиот отсек со модулот графички дизајн, во 2018 г. Остварува два студиски престои, еден на Академија за ликовни уметности во Загреб, Хрватска и на Универзитетот за ликовни уметности во Будимпешта, Унгарија. Во текот на своето образование учествува на повеќе изложби, креативни работилници, ликовни колонии и фестивали за применета уметност. Добитник е на неколку награди и сертификати. Се занимава и со дигитална уметност, илустрација и дизајн.

You may also like...

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *